Италијанскиот фудбалски клуб Јувентус ја потврди тешката повреда на својот играч, 27-годишниот Бразилец Глеисон Бремер, кој ќе мора да оди на операција на коленото.
Бремер се повреди на натпреварот од второто коло во Лигата на шампионите во средата вечерта, кога Јувентус го победи Лајпциг со 3:2 на гостински терен. На самиот почеток од мечот се повреди најдобриот одбранбен играч на Јувентус, кој ја напушти играта во шестата минута.
Ден подоцна е направена магнетна резонанца која покажала тешко оштетување на вкрстените лигаменти на левото колено, а Бремер го повредил и менискусот. На Бразилецот ќе му биде извршена операција, а од торинскиот клуб официјално не соопштуваат колку време ќе треба да игра без важен играч на стартната постава. Дел од италијанските медиуми наведуваат дека многу е можно Бремер да не заигра повторно оваа сезона.
Бремер дојде во Јувентус во 2022 година од градскиот ривал Торино, а во текот на кариерата одигра и пет натпревари за бразилската репрезентација. Јувентус моментално е втор во италијанската Серија А, а Лигата на шампионите ја отвори со две победи, 3:1 против ПСВ и 3:2 кај Лајпциг.