Италијанската агенција за конкуренција во средата соопшти дека отворила истрага за можна експлоатација на работници во синџирите на снабдување на луксузните модни брендови „Armani“ и „Dior“
Според регулаторот, модните компании во некои случаи продавале производи од работилници каде работниците биле недоволно платени, со долго работно време и ангажман спротивно на прописите за безбедност. Во вторникот беше спроведена истрага во деловните простории на овие модни компании во Италија, се вели во соопштението на регулаторот објавено во средата.
„Двете компании, можеби, објавиле невистинити извештаи за деловна етика и општествена одговорност, особено во однос на работните услови и почитувањето на законот кај нивните добавувачи“, се наведува во соопштението.
Истрагата треба да покаже дали компаниите прибегнале кон нелегални работни практики во производството и продажбата на нивната скапа стока, се додава во соопштението.
Условите за работа кај добавувачите со договор се во целосна спротивност со високите стандарди за производство со кои се фалат „Armani“ и „Dior“ во своите реклами. Според регулаторот, таквата практика го прекршува италијанскиот закон за заштита на потрошувачите.
Според извештаите на медиумите, истрагата на јавното обвинителство на Милано веќе покажала дека работилниците во Италија кои произведуваат стоки за „Armani“ и за „Dior“ ги експлоатираат работниците за да произведуваат производи со висок квалитет по многу ниски цени во споредба со оние на мало.
Во средината на јуни, судот во Милано назначи специјален администратор во производителот на чантите на брендот „Dior“, во сопственост на францускиот концерн LVMH, откако истрагата откри незаконски работни услови кај четири негови добавувачи. По теренските проверки и проверката на податоците за потрошувачката на електрична енергија, обвинителите заклучиле дека работниците работеле прекувремено, често долго во ноќта и во текот на празници. Некои ноќевале во објектите каде што работеле, немале редовни договори, а двајца илегално се доселиле во Италија.
Во април, судот презеде слична акција против компанија во сопственост на италијанскиот моден дизајнер Џорџо Армани, обвинувајќи ја дека е „кривично одговорна за пропусти“ во следењето на добавувачите. Групацијата „Armani“ тогаш одговори дека секогаш се обидувале да ги „минимизираат злоупотребите во синџирот на снабдување“.