![64e71c4220302737195a62f2](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/08/64e71c4220302737195a62f2.jpg?resize=540%2C304&ssl=1)
Групата БРИКС денеска одлучи официјално да ги покани Саудиска Арабија, Аргентина, Египет, Етиопија, Иран и Обединетите Арапски Емирати да се приклучат на блокот.
Ова официјално го соопшти во својот говор на третата сесија на 15-тиот самит на БРИКС, јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоса кој рече дека интеграцијата во блокот ќе биде ефективна од 1 јануари 2024 година.
Тој посочи дека е постигнат консензус за првата фаза од процесот на проширување, а потоа ќе следат и другите фази.
Покрај тоа, Рамафоса изјави дека сите сегашни членки се согласиле да ја поддржат конечната декларација на настанот – Декларацијата од Јоханесбург II.
Члeнките на организацијата претходно беа поделени околу тоа колку брзо треба да се случи нивното припојување.
Групата формално им наложи на министрите за финансии и гувернерите на централните банки да го разгледаат и прашањето за локалните валути, платежни инструменти и платформи и да ги информираат лидерите на БРИКС до следното лето.
Рускиот претседател Владимир Путин кој говореше на видео конференција рече дека прашањето за постигнување договор за единствена валута БРИКС е „предизвикувачка задача“, но инсистираше на тоа дека блокот ќе работи на постигнување резолуција за ова прашање.
Во својот говор на самитот на БРИКС еден ден претходно, рускиот претседател изјави дека Москва е за проширување на употребата на локалните валути наместо доларот.
БРИКС е меѓународна политичка организација на водечките сили во развој која ја сочинуваат: Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка.