Брисел ги повика Белград и Приштина да ја смират реториката

Европската унија оцени  дека повеќе од кога било е потребен напредок во нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, а со цел мир и стабилност.

ЕУ ги повика двете страни да се придржуваат на договорот, да ја смират реториката и да продолжат со напорите за намалување на тензијата, соопшти синоќа портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчиќ.

– Потсетуваме дека за време на состанокот (во вторникот) на високо политичко ниво, претседателите и премиерите на Србија и Косово се договорија да се воздржат од потпалувачки реторики и изјави со цел да се спуштат тензиите и да се фокусираат на работата, наведе Коцијанчиќ.

– Благодарни сме на помирувачките изјави и многу жалиме поради понатамошните потпалувачки изјави што следеа по разбирањето во вторникот, порача портпаролката на Европската комисија во пишаното соопштение од Брисел.

Коцијанчиќ нагласи дека напредокот во нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина е неопходен повеќе од кога било со цел да се зачува мирот и стабилноста меѓу двете земји во регионот.

Истовремено, Коцијанчиќ потсетува дека тој напредок е клучен за продолжување на патот на двете страни кон ЕУ.