Во Брисел, по полициската рација во 40 домови ширум Белгија, уапсени се 12 лица поради сомнеж дека планирале нови напади, соопшти канцеларијата на федералниот обвинител.
Како што пренесе МИА, вкупно 40 лица биле приведени во полициската акција во текот на минатата ноќ, а 12 од нив се задржани. Извршени се претреси во куќи и гаражи во 16 општини, повеќето во Брисел и неговата околина.
Потврдено е дека во текот на операцијата немало никакви инциденти и не се откриени оружје и експлозивни направи, а дополнителни детали не се соопштуваат.
Локалните медиуми соопштуваат дека од синоќа белгискиот премиер Шарл Мишел, како и министрите за правда, за внатрешни и за надворешни работи, и нивните семсјтва, се поставени под зајакното обезбедување. Се тврди дека двата настана не се поврзани.
Претходно, во текот на оваа недела разузнавачки служби предупредија дека кон Белгија и Франција тргнале нови терористички групи поради извршување напади. Според овие информации, можните места за нов терористички напад се масовни настани, трговски центри, ресторани од американски синџир за брза храна.