Британците се откажуваат од милениците поради раст на животните трошоци

Женка црн англиски кокер шпаниел по име Хериет е напуштена поради сѐ подлабоката криза со растот на животните трошоци што тера сѐ поголем број Британци да се раздела од своите домашни миленици, пишува Reuters.

Хариет била најдена како трча по фреквентна улица во Лондон, а очевидци виделе дека сопствениците ја исфрлиле од автомобил. Таа е едно од 206 кучиња и 164 мачки за коишто во моментов се грижат во центрите за згрижување кои ги води добротворното здружение Батерси.

Слична е приказната и во другите такви центри ширум земјата, во некои е забележан рекорден број барања за враќање кучиња и мачки, бидејќи најголемиот притисок врз животниот стандард од 1960-те години многу сопственици ги присилува да се откажан од домашните миленици.

„Загрижени сме дека тоа ќе биде сѐ почеста причина за луѓето коишто ги доведуваат своите кучиња во Батерси“, рекол за Reuters Стив Кредок кој управува со центарот во југозападен Лондон.

Егзотичните домашни миленици, како што се змиите и гуштерите, исто така, се покажале прескапи поради потребите за посебно греење и осветлување. Три змии, меѓу кои и боа долга 2,4 метри, неодамна се оставени во вреќички пред продавница на рептили, рекле за Reuters од Кралското друштво за спречување свирепост кон животните (RSPCA).

Од „Dogs Trust“, каде во моментов се грижат за 629 кучиња во 21 центар ширум Велика Британија, објави дека последен пат слична ситуација забележана по финансиската криза 2008 година.

„Оваа криза со животните трошоци ни се прикраде многу побрзо отколку што луѓето некогаш очекуваа“, вели директорот „Dogs Trust“, Адам Клоувс.

Притисокот е толку голем што добротворната организација разгледува дали треба да го прошири фондот за итна помош, инаку резервиран за луѓе кои примаат социјална помош и на кои им е потребна краткорочна финансиска поддршка за чување домашни миленици, на лица со средни примања.