Британија ќе казнува по 10.000 фунти за непочитување на изолацијата

Британската влада воведе казни од 10.000 фунти (13.000 долари) за оние кои одбиваат наредба да се изолираат во време на нагло зголемување на заразени со корона вирусот.

Новото правило ги обврзува Британците да се изолираат доколку се позитивни на вирусот или се утврди дека имале близок контакт со заразено лице. Правилото стапува на сила на 28 септември.

Владата ќе им помогне на оние со пониски примања кои се соочуваат со загуба на заработка како резултат на самоизолација со еднократна исплата од 500 фунти (633 американски долари).

Најновите бројки покажуваат дека новите дневни случаи на корона вирус во Велика Британија се искачиле на 4.422, најмногу од почетокот на мај. Официјалната проценка исто така покажува дека новозаразените и приеми во болница се удвојуваат на секои седум до осум дена во Велика Британија.

Конзервативната влада се очекува да воведе дополнителни ограничувања откако премиерот Борис Џонсон потврди дека Велика Британија е пред втор бран на зараза, следејќи го трендот во другите делови на Европа.

Градоначалникот на Лондон, исто така, рече дека наскоро може да бидат потребни построги ограничувања во британската престолнина.