![zatvor](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/07/zatvor.jpg?resize=696%2C399&ssl=1)
Триесет и седум минибуси и електрични возила ќе и бидат доделени на Албанија од британската влада, во вредност од над 1,5 милиона фунти. Тоа е дел од неодамнешниот договор за враќање на осудени Албанци од британските во албанските затвори, пишува британски „Индипендент”, јави агенцијата Балканвеб.
Договорот предвидува 200 албански државјани, кои издржуваат затворска казна во Англија и Велс, да бидат вратени дома на доиздржување на казната.
„За возврат, владата ќе помогне да се модернизира албанскиот затворски систем. Договорот се очекува да вреди околу осум милиони фунти во текот на две години, а дополнителното финансирање доаѓа од министерството за внатрешни работи. Официјални лица тврдат дека ова претставува заштеда на трошоците, укажувајќи на фактот дека 40.000 фунти годишно чини сместувањето на секој затвореник во Велика Британија“, наведува „Индепендент“.
Весникот додава дека околу 500.000 фунти ќе бидат потрошени за 15 електрични возила, додека за 22 нови минибуси кои ќе бидат обезбедени за албанската затворска служба ќе чинат над милион фунти.
Врз основа на договорот од британските во албанските затвори, каде има над две илјади затвореници албански државјани, ќе бидат трансферирани 200. Тие се осудени за тешки кривични дела, вклучувајќи убиства, разбојништва, силувања, шверц со дрога, кои се на возраст од 24 до 49 години и имаат казна од по најмалку 30 години затвор.