Британија и САД ќе испратат по 1.000 војници во Бугарија, Романија и Унгарија

САД и Велика Британија размислуваат да испратат по 1.000 војници во Романија, Бугарија и во Унгарија, објави Дејли телеграф. Тие ќе бидат слични на баталјонските борбени групи што моментално се стационирани во Балтичките држави и во Полска.

Извори од британската влада потврдија за Дејли Телеграф дека Британија размислува за распоредување повеќе војници во Источна Европа, но се подразбира дека каков било дополнителен придонес од Лондон е поверојатно да се фокусира на североисточното крило на Алијансата, а не на југоисточна периферија. Американскиот претседател Џо Бајден вчера изјави дека размислува да стави 8.500 војници во готовност како дел од операцијата на НАТО.

Евентуалното дополнително распоредување на британски војници најверојатно ќе вклучи неколку стотици персонал во балтичкиот регион, објави Гардијан. Велика Британија веќе ја предводи борбената група на НАТО во Естонија со 900 лица, а 150 луѓе се сместени во Полска под команда на САД. Ова е една од бројните опции што ги разгледува Лондон како одговор на трупањето руски сили на границите на Украина. Според аналитичарите, станува збор за 125.000 војници.