Британија продолжува да купува нафта од Русија, пишува Times

Велика Британија продолжува и натаму да купува руска нафта и покрај тврдењето на владата во Лондон за наводен прекин на испораките од Русија, пишува во неделата неделното издание The Sunday Times.

Според наводите на весникот, од крајот на февруари и почетокот на руската инвазија во Украина, 39 танкери со руска нафта во вредност од над 220 милиони фунти, или 238 милиони американски долари, пристигнале во британските пристаништа, но тие испораки не биле класифицирани како руски. Поточно, во јуни и јули испораките на нафтата од Русија во Обединетото Кралство биле проценети на 80 милиони фунти, додека официјалните извештаи покажуваат дека Британија воопшто не купувала руска нафта во споменатиот период.

Според весникот, испораките на руската нафта во официјалната британска документација била воведена како европска, бидејќи товарот транспортиран од едно од пристаништата во Русија, бил претоваруван на други танкери во некои од пристаништата на земјите членки на Европската унија, во прв ред Грција, Германија или Холандија, пред да стаса во Обединетото Кралство. Во написот на The Sunday Times се истакнува дека шема не го нарушува моменталното поморско законодавство. Имено, во Велика Британија компаниите мора да ја наведат земјата на испорака на нафтата, а не нејзиниот производител.

Севкупно, од март вкупниот обем на руската нафта испорачана во Велика Британија се проценува на 778 милиони фунти, или 925 милиони долари. Во март кога започна војната во Украина, тогашниот британски министер за бизнис, енергија и индустриска стратегија, објави дека земјата ќе одбива да увезува нафта и нафтени деривати од Русија до крајот на 2022 година.