Велика Британија ќе ѝ испорача три хеликоптера од моделот Sea King, објави во средата весникот The Times цитирајќи го британскиот министер за одбрана Бен Валас.
Според информацијата, тоа ќе биде првата британска испорака на летала со екипаж за Украина. Хеликоптерите, од кои еден веќе е во Украина, ќе бидат дел од новиот пакет британска воена помош за Киев.
Весникот прецизира дека украински војници минале шестнеделна обука за пилотирање со споменатите модели хеликоптери кои Кралската морнарица ги повлекла од служба во 2018 година. Вкупно Британија обучила десет украински екипажи.
Хеликоптерите „Westland WS-61 Sea King“ може да се применуваат како за операции за потрага и спасување, така и за извидувачки акции. Моделот беше широко користен во Фокландската војна со Аргентина, во Заливската војна, во Ирачката војна и балканските конфликти. Во моментов овој тип хеликоптери не се произведува, но цената изнесува околу 5 милиони фунти за летало.
Киев се жали дека малку земји испорачале летала наменети за управување со човечки екипаж од почетокот на војната, како и дека засега нема никаков одговор на барањето западните сојузници да испорачаат борбени авиони.
Министерот Валас, кој е во Осло на разговори со сојузниците за продолжување на воената помош на Украина, потврди и дека Велика Британија на Украина ќе ѝ испорача и дополнителни 10.000 парчиња артилериски гранати,
Во вторникот весникот The Telegraph објави дека Лондон на Киев ќе му испорача високопрецизни ласерски наведувани ракети „Brimstone-2“, а нивниот дострел е двојно поголем од претходно испорачаната серија. Не беше објавен бројот на овие проектили кои ќе му бидат испорачани на Киев.
Пред шест месеци, Велика Британија ѝ испорача на Украина ракети „воздух-земја“ од типот „Brimstone-1“. Овие проектили обично се лансираат од воздух, но украинските сили модификуваа камиони како платформи за лансирање.