Британија се договори со три компании за потенцијални вакцини

Велика Британија потпишала договори за осигурување на 90 милиони дози од две потенцијални вакцини против Covid-19 на произведувачите „Pfizer“ и „BioNTech“, како и на француската групација „Valneva“, соопшти во понеделникот британското министерство за економија.

Британија обезбедила 30 милиони дози од експерименталнта вакцина на прозиведувачите „Pfizer“ и „BioNTech“, и во принцип постигнала договор за 60 милиони дози од вакцината на „Valneva“, со можност за набавка на дополнителни 40 милиони дози, доколку вакцините се покажат безбедни, ефикасни и соодветни, извести министерството. Притоа не се соопштуваат финансиските услови од договорите.

„Новото партнерство со некои од водечките светски фармацевтски компании ќе ѝ обезбеди на Велика Британија најдобра можна шанса да ја осигури вакцината којашто ќе ги заштити оние кои се најмногу изложени“, изјави минисерот Алок Шарма.

Овие договори доаѓаат по претходно најавените со компанијата „AstraZeneca“ за производство на 100 милиони дози од потенцијалната вакцина која се развива во партнерство со Универзитетот Оксфорд.

Во моментов не постои ефикасна вакцина против Covid-19, болеста којашто ја предизвикува новиот сој коронавирус SARS-CoV-3, за да се стави под контрола пандемијата во која досега се потврдени над 14 милиони заразени и повеќе од 600 илјади починати во светот.

Велика Британија во понеделникот, исто така, соопшти дека го осигурала лекот на „AstraZeneca“ кој содржи антитела за неутрализација на Covid-19, за заштита на оние кои не можат да бидат вакцинирани.