Британија со измената на правилата за трговијата со Северна Ирска отвора војна со ЕУ

Британската влада во понеделникот ќе предложи закон со кој еднострано ќе ги укине правилата за тргување со Северна Ирска воведено по брегзитот, и покрај тоа што со тој потег веројатно ќе започне трговска војна со Европската унија.

Од Лондон тврдат дека и натаму предност му даваат на договор со ЕУ за реформа на ткн „Северноирскиот протокол“ чиишто одредби ги одбиваат пробританиските унионисти на поделената територија на островската британска покраина. Британскиот министер за Северна Ирска, Брендон Луис, изјави во неделата дека протоколот ја нарушува трговијата и дека ја загрозил работата на властите во покраината поради отпорот на унионистите.

„Значи, исправно е тоа да го поправиме“, рече Луси додавајќи дека потребата за заштита на мировниот договор од 1998 година во Северна Ирска имала „предност“ над протоколот.

Луси ги отфрли некои од заканите кои доаѓаат од ЕУ дека едностраните промени би можеле да поттикнат суспендирање на поширокиот трговски договор постигнат во рамките на повлекувањето на Обединетото Кралство од Европската унија, што би довело до санкции против британската економија.

Велика Британија тешко може да си дозволи трговска војна, во време кога Британците се справуваат со најлошата инфлаторна криза во една генерација.

„Мислам дека таквите пораки навистина се бескорисни“, изјави министерот Луси за радиот Times, укажувајќи на потребата Британија и ЕУ „заедно да работат против руската инвазија врз Украина“.

Меѓутоа, трпението во ЕУ во однос на тактиките на британскиот премиер Борис Џонсон е се помало, оценуваат во владата на Ирска. Ирската националистичка партија Шин Фејн во неделата го обвини Џонсон дека ја жртвувал стабилноста во Северна Ирска поради сопствениот опстанок, откако минатиот понеделник го преживеа гласањето за доверба покренато од неговите конзервативци.

„Тоа се нечесни работи“, изјави челничката на Шин Фејн, Мери Лу Мекдоналд за Sky News. Ја обвини владата во Лондон дека „го поткопува, го напаѓа и му наштетува“ на Договорот на Велики петок од 1998-та со кој беше прекинат повеќедеценискиот крвав судир на ирскиот остров.

Шин Фејн победи на избори во Северна Ирска во мај. Меѓутоа, Демократската унионистичка партија (DUP) тврди дека протоколот го загрозува статусот на Северна Ирска во Обединетото Кралсво и ја бојкотира локалната влада.

Протоколот бара проверки на стоките кои доаѓаат од Англија, Шкотска и Велс, за да се спречи таа да влезе на единствениот пазар на ЕУ преку нејзината членка Република Ирска.

Се очекува дека британскиот закон ќе укине повеќе контроли, создавајќи канал за британските трговци да испраќаат стоки во Северна Ирска без поднесување каква и да е царинска декларација во ЕУ.

ЕУ би имала пристап до поголем број британски податоци за протокот на стоки во реално време, а само компаниите коишто имаат намера да тргуваат на нејзиниот единствен пазар преку Ирска би морале да поднесуваат документација. Така, ЕУ би требало да му верува на Лондон дека го контролира прометот во трговијата, а Британија вети „строги казни“ за сите компании коишто сакаат да го злоупотребуваат новиот систем.

По изгласувањето на довербата, британскиот премиер Џонсон беше под притисок на тврдолинијашите во неговата Конзервативна партија да го заостри законот и да ја укине надлежноста над протоколот којашто ја има Европскиот суд на правдата (ECJ).

Неговиот министер Луис рече дека „нема логика“ судиите само на едната страна да бидат вклучени во билатералниот трговски аранжман, но надзорот на ECJ е „црвена линија“ за ЕУ која со тоа го штити својот единствен пазар.

Британската опозициска Лабуристичка партија порача дека владата нема основа да тврди дека нејзиното решавање на спорот е законско.

„Се чини дека оваа влада поставува рекорд во кршењето на законите… Помогнавме во склучувањето на Договорот за Велики петок, длабоко, страсно сме доследни на тоа“, рече лабуристичката министерска за финансии во сенка Рајчел Ривес, откако Џонсон е казнет поради една од многуте забави во владиното седиште на Даунинг стрит со кршење на строгите епидемиолошки мерки.