Наградуваната радиоводителка Лиза Шоу, 44-годишна вработена во BBC Newcastle, починала набрзо по вакцинирањето против коронавирусот со „AstraZeneca“ минатиот петок, објави во четвртокот вечерта интернет изданието на весникот The Independent повикувајќи се на роднини на новинарката.
Семејството истакнало дека Лиза чувствувала „силни главоболки“ една седмица по вакцинирањето, пред серозно да се разболе и да биде подложена на третман за згрутчување на крвта и крварење во мозокот.
Од BBC потврдиле дека канцеларијата за форензичка медицина во Њукасл започнала со истражување на смртта на Лиза Шоу откако како можна причина биле наведени „компликации по вакцинирањето со AstraZeneca“.
Не е познато дека водителката претходно имала некои значајни хронични здравствени проблеми.
Во Велика Британија на помладите од 40 години им се нуду алтернатива за вакцината „AstraZeneca“ онаму каде што тоа е можно, по извештаите за исклучително ретки згрутчувања на крвта со ниски тромбоцити. Пријавени се 309 случаи на 33 милиони луѓе кои биле вакцинирани со „AstraZeneca“.
На почетокот на април се појавија извештаи за појава на венозни тромбози кај неколку пациенти вакцинирани со вакцината на англо-шведскиот производител „AstraZeneca“, а подоцна и со препаратот против Covid-19 на американската компанија „Johnson&Johnson“. Имунизацијата со првата вакцина беше суспендирана во повеќе земји во светот, а подоцна Европската агенција за лекови (ЕМА) ја вброи појавата на згрутчување на крвта меѓу ретките несакани ефекти.
Во средата беше објавено дека лекари во Велика Британија пријавиле три случаи на мозочен удар по вакцинирање со „AstraZeneca“, предизвикани од форирање тромбови во големите мозочни артерии. Како што се наведува во студијата објавена во стручното списание Journal of Neurology Neurosurgery & Psychiatry, лекарите успеале да ги спасат животите на двајца пациенти.