Британската економија стагнирала во четвртиот квартал од минатата 2022 година и за малку избегнала техничка рецесија, и покрај падот на активноста во декември, покажаа во петокот објавените податоци од статистичкото биро ONS.
Последниот месец од минатата година го одбележаа штрајкови во железничкиот сообраќај и лоши временски услови, а економската активност е намалена за 0,5 отсто, објави заводот за статистика.
„Остриот пад на економијата во декември генерално значи дека немало раст во последните три месеца од 2022 година“, вели статистичарот на ONS, Дарен Морган.
Во третиот квартал економијата паднала за 0,2 отсто, во услови на престанувањето на работата на многу компании поради смртта на кралицата Елизабета Втора.
Благодарение на стагнацијата во четвртиот квартал, Британија избегнала техничка рецесија, која се дефинира како пад на економијата два квартала со ред.
Економската активност во Британија во последните три месеца од 2022 година, сепак, била само за 0,8 отсто послаба во споредба со нивото пред пандемијата, со што ги надминала другите големи развиени економии.
Во цела минатата година, британската економија пораснала за 4 отсто, значително забавувајќи од растот од 7,6 отсто во претходната 2021 година, кога се опоравуваше од тешките последици од пандемијата на коронавирусот.
Министерот за финансии Џереми Хант рече дека најновите податоци покажуваат дека британската економија е поотпорна од очекуваното, но дека опасноста сѐ уште не е завршена.
„Британската економија е фундаментално отпорна, но сè уште не можеме да здивнеме. Инфлацијата е сè уште превисока и предизвикува проблеми за семејствата низ целата земја“, предупреди Хант.