Британската економија забележала пад во октомври, втор месец по ред, што е прв ваков пад од почетокот на пандемијата на ковид-19.
Бруто домашниот производ (БДП) е намален на месечно ниво во октомври за 0,1 отсто, како и претходниот месец, објави британското Биро за национална статистика (ONS). Тоа е прв последователен пад на месечниот БДП од март и април 2020 година, кога Британија го воведе своето прво заклучување поради коронавирусот.
Економистите анкетирани од Reuters очекуваа месечен раст од 0,1 отсто.
Според ONS има „мешовити“ докази од компаниите дека тргувањето било засегнато од компаниите кои чекаат да биде објавен националниот буџет.
Услужниот сектор запрел, а намалени се активностите во индустријата и градежништвото.
Водечкиот тинк-тенк, Националниот институт за економски и социјални истражувања, соопшти дека очекува економијата да стагнира во четвртиот квартал од оваа година.
Повеќето прогнозери сметаат дека зголемувањето на буџетот за јавни вложуваа и потрошувачката ќе доведат до побрз економски раст во 2025 година, иако деловните групи велат дека работодавачите ќе се борат со повисоки придонеси за социјалното осигурување.