Имотот на британската кралица Елизабета Втора во вредност од повеќе милиони фунти е вложен во даночните оази, пишуваат британските медиуми кои соработувале во големата истрага на основа на финансиските документи за даночните затајување на најголемите светски компании и најбогатите луѓе на планетава.
Околу 10 милиони британски фунти, или 11,3 милиони евра, се вложени на Кајманските острови и на Бермуда, тврдат јавниот сервис BBC и дневниот весник The Guardian, повикувајќи се на документите кои ноќта кон понеделникот почнаа да ги објавуваат европските медиуми.
Двата медиума учествувале во истрагата која ја водеше Меѓународниот конзорциум на истражувачките новинари (ICIJ), поаѓајќи од 13,5 милиони документи коишто излегоа во јавноста, во прв ред документи од меѓународната адвокатска компанија „Appleby“ со седиште на Бермуда. Овие истраги за методите на даночна оптимизација во кој соработувале 96 партнерски медиуми во светот, се наречени „Рајски документи“.
Вложувањата, коишто не се нелегални, иако го заобиколуваат британскиот даночен систем, се остварени преку Ланкестерската грофовија којашто управува со вложувањата на кралицата и кои се извор на нејзините приходи.
Средствата положени во тие даночни оази се вложени во бројни компании, меѓу коишто и во „Brighthouse“, агенција за изнајмување станови која се занимава и со купување на намештаи и информатичка опрема, а ја обвинуваат за искористување на сиромашните или уште и за синџирот за трговија со алкохолни пијалаци, кој во моментов е во стечај.
„Сите наши вложувања се предмет на целосна финансиска ревизија. Имаме одреден број вложувања, па така и со средства во странство“, изјавила за AFP портпаролката на грофовијата Ланкестер. Тие сочинуваат само 0,3 отсто од вкупната вредност на грофовијата, додала.
Кога станува збор за вложувањата во „Brighthouse“, тоа е извршено „преку трета страна“ и сочинува само 0,0006 отсто од вредноста на Ланкестерската грофовија, додала портпаролката. „Кралицата со задоволство го плаќа данокот на добивката којашто ја има од Грофовијата“, додала.
Челникот на лабуристичката опозициска партија, Џереми Корбин, реагираше на Twitter оценувајќи дека „постои едно правило за супер богатите, а друго за останатите кога станува збор за плаќањето на даноците“.
Портпаролот на британската даночна управа, пак, истакнал дека владата вложува големи напори во сузбивањето на даночната оптимизација. Од 2010 година биле наплатени уште околу 160 милијарид фунти, или 180 милијарди евра.