Британската полиција започнала да ги контактира руските државјани населени во Велика Британија за да разговара за нивната безбедност по убиството на рускиот бизнисмен Николај Глушков, објави во саботата јавниот сервис BBC, а весникот The Independent наведува дека тој бил задавен.
Неименувани извори за BBC рекле дека полицијата и безбедносните сили ги преиспитале своите ставови дека безбедносниот ризик за руските државјани е низок.
Николај Глишков, за кој пријателите рекле дека наводно бил непријател на рускиот претседател Владимир Путин, беше пронајден мртов во понеделникот во својот дом во Лондон. Истрагата за убиство е покрената откако наодот од обдукцијата покажал дека причина за смртта е „притисок на вратот“.
Глушков бил пријател и деловен соработник на рускиот олигарх Борис Березевски, кој беше пронајден мртов во неговиот дом во Англија, непосредно откако испрати писмо до Путин во кој навестува желба да му биде дозволено да се врати во Русија од егзилот во Велика Британија.
Истрагата се отвора во моментот додека британските власти го истражуваат труењето и обидот за убиство на поренешниот двоен руско-британскиот шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во Солсбери.
Во полициското соопштение се истакнува дека „во овој момент ништо не укажува на каква и да е поврзаност со обидот за убиство во Солсбери, ниту има докази дека Глушков е отруен“.
Истовремено во саботата весникот The Independent, повикувајќи се на сопствени извори од истрагата, пишува дека Глушков умрел најверојатно како последица од задушување со поводник за куче.
Од Скотланд Јард за весникот потврдиле дека Глушков бул убиен со давење, со што случајот го квалификува како убиство, но дека истрагата не го поврзува ниту со обидот за убиство на таткото и ќерката Скрипал, ниту со смртта на Березовски.
Николај Глушков е осуден во отсуство во Русија на осум години затвор за проневера на пари од „Аерофлот“. Блиски на поранешниот топ-менаџер на воздухопловната компанија изјавија дека тој умрел „како Борис Березовски“.
На почетокот од седмицава руската амбасада во Лондон ги побара сите информации за смртта на Глушков. Во петокот шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, во екот на разгорувањето на дипломатската војна меѓу Обединетото Кралство и Руската Федерација, изјави дека Лондон не ја известил Москва за смртта на поранешниот заеменик-директор на „Аерофлот“, иако морало да го стори.