Антитерористичките единици на британската полиција објавија во петокот дека ден претходно спречиле терористички чин во текот на рацијата во дом во северен Лондон кога е застрелена една жена, што била втората голема безбедносна операција во британската престолнина во итнервал од неколку часа.
Во четвртокот вечерта вооружените припадници на антитерористичката единица со помош на солзавец влегле во куќа во округот Вилесден која била под полициски надзор, ранувајќи притоа жена во дваесеттите години, која е во тешка но стабилна состојба во болница.
Високиот државен координатор за антитерористичката полиција Нил Басу истакнал дека британската полиција со оваа акција спречила „терористички напад во настанување“. Открил и дека во таа операција се уапсени вкупно шест лица од кои петмина биле во куќата, додека една жена е уапсена во грофовијата Кент на југоистокот од Англија.
Полицијата претходно во четвртокот објави дека уапсила маж вооружен со ножеви во Вајтхол, во центарот на Лондон, каде што се сместени повеќе министерства, како и оти осомничениот според антитерористичкиот закон е ставен во притвор. Мажот е уапсен недалеку од британскиот парламент и официјалната резиденција на премиерката Тереза Меј во Даунинг Стрит.
„Мислам дека со овие апсења ги запревме заканите кои тие поединци ги претставувале“, истакнал Басу заклучувајќи дека четвртокот бил „необичен ден во Лондон“.