Британскиот министер за одбрана Бен Валас во интервју за Би Би Си призна дека нема да успее да ги извлече од аеродромот во Кабул сите оние што би сакале да заминат.
– Во изминатите 24 часа извлековме 2.000 луѓе, односно 10.000 луѓе од април. Фокусирани сме да извлечеме што е можно повеќе луѓе. Но, нивото на предизвик е такво што нема да можеме да ги извлечеме сите. Мораме немилосрдно да воведуваме приоритети, истакна Валас.
Тој нагласи дека „доколку е можно би сакале да останат и по 31 август, но за тоа одлучуваат САД и талибанците“.
– Талибанците можат многу да ни го отежнат животот. Се ќе зависи од договорот меѓу САД и талибанците. Ако Америка одлучи да не остане по 31 август, тогаш и ние ќе заминеме на тој ден, заклучи британскиот министер.
Валас, исто така, одговори на критиките дека Велика Британија може да испрати уште војници барем привремено да го задржат и заштитат аеродромот во Кабул.
– Да, можеме да испратиме наши трупи да го контролираат аеродромот, но тука не станува збор за силата и големината на нашите вооружени сили. Овде станува збор за тоа дали меѓународната заедница сака повторно да се вклучи во вооружена борба. Можеме да испратиме илјадници војници и да го обезбедиме аеродромот. Но, со која цел? За некој да пука во нив? Мислам дека тоа не е решение, изјави британскиот министер за одбрана.