Британски ветеран на 99 години собра 10 милиони долари донации

Том Мур, 99-годишен британски воен ветеран, од донации собра 10,7 милиони долари, кои ќе бидат наменети на државвната здравствена служба за борба против пандемијата на коронавирусот.

Имено, капетанот во пензија користи ортопедско помагало за движење откако го скршил колкот. Но, тоа не го спречи во неговата цел – пред да го прослави 100. роденден месецов, да направи 100 круга по 25 метра околу својата градина.

Така, тој привлече над 450.000 луѓе од цел свет, кои придонесоа со свој прилог на интернет-страницата за донации, направена минатата недела.

– Тоа првично беше шега, рече Мур за британските медиуми.

Тој притоа им се заблагодари на здравствените работници „чија работа е извонредно важна за сите нас”, како што самиот нагласи.

Британскиот херој доби и јавно заблагодарување од националниот министер за здравство Мет Хенкок кој истакна дека стогодишникот е инспирација за сите.