Британската атлетска асоцијација и нејзиниот поранешен спортски директор сега 77-годишниот Кит Дејвис се обвинети за смртта на 36-годишниот параолимпиец Абдула Хајајеи, кој почина на тренинг пред почетокот Светско првенство во атлетика во Лондон во 2017 година.
Несреќниот спортист од Обединетите Арапски Емирати настрадал на тренинг во Њухам Лејсур Центарот во источен Лондон два дена пред почетокот на првенството кога врз него паднал метален кафез од дисциплините за фрлање.
Атлетскиот сојуз е обвинет за корпоративно убиство од небрежност и прекршок според Законот за здравје и безбедност при работа, објави британската обвинителска служба (CPS). Спортскиот менаџер Кит Дејвис во тоа време, исто така, е обвинет за убиство од небрежност и прекршок според Законот за здравје и безбедност при работа.
Во Лондон, Хајајеи требаше да се натпреварува во категоријата Ф34 во фрлање ѓуле, диск и копје. Една година претходно, на Параолимписките игри во Рио де Жанеиро, го освои шестото место во фрлање копје.