Британскиот милијардер и сопственик на лондонски Тотенхем, 86-годишниот Џо Луис е обвинет во САД за тргување со повластени информации.
Како што пренесуваат американките и британските медиуми, Луис е обвинет по 19 точки за измами со хартии од вредност и заговор поради што му се заканува затворска казна во траење од 25 години.
„Користел повластени информации кои им го давал на своите романтични партнери, пријатели, на своите лични асистенти, приватни пилоти. Тоа е класична корпоративна корупција, тоа е мамење и е противзаконски“, изјави американскиот државен обвинител за јужниот округ на Њујорк, Демиен Вилијамс во видео-изјава за медиумите.
Вилијамс истакна дека Луис го „злоупотребил својот пристап до корпоративните простории за состаноци“ за да ги споделува повластените информации.
„Тие луѓе потоа тргувале со повластените информации и заработиле милиони долари на берзите“, додава обвинителот.
Адвокатите на Луис порачаа дека „енергично ќе го бранат од лошо осмислените обвинувања“.
Се смета дека Џо Луис е едне од најбогатите Британци, чиј капитал е проценет на околу шест милијарди американски долари. Неговата холдинг компанија ENIC го купи мнозинскиот пакет во Тотенхем во 2001 година од тогашниот сопственик Алан Сагар, исто така британски милијардер.