Британскиот министер за Брегзит смета дека договор е можен до октомври

Британскиот државен секретар за излез од Европската унија, Доминик Рааб (л.) и преговарачот на Брегзит на Европската унија, Мишел Барние (д.)

Британскиот министер за напуштањето на Обединетото Кралство на Европската унија, Доминик Рааб, изјави во вторникот во Брисел дека е убеден оти договорот за Брегзитот е можен во октомври, додека главниот преговарач на ЕУ, Мишел Барние, порача дека договорот со Велика Британија мора да ја почитува единственоста на пазарот на Унијата.

Преговарачите за Брегзитот на ЕУ и на Обединетото Кралство се сретнаа во Брисел согласувајќи се да ги засилат преговорите пред Британија да ја напушти Унијата на крајот од март следната 2019 година.

„Доколку имаме абиција, прагматизам и енергија на двете страни, убеден сум дека можеме да постигнеме договор до октомври. Сé уште постојат разидувањата за коишто имавме искрен разговор“, рече Рааб на заедниката прес-конференција со Барние.

Британскиот министер, исто така, рече дека сака двете страни да се обидат да се договорат на политичко ниво, што не им успеа во техничките преговори.

Разговорите без преседан влегуваат во последната фаза, забележа од своја страна Барние. Потсети дека преговорите во јули ги доведоа и двете страни поблиску до договорот за соработка во безбедносните прашања по Брегзитот, но истакна дела договорот за идните економски односи сé уште е далеку.

„Ова партнерство мора да ги почитува единствениот пазар и основите на европскиот проект. Доколу тоа биде прифатено, ќе може успешно да ги заклучиме преговорите“, порача Барние.

Европскиот преговарач рече и дека договорот со Лондон би бил потребен „не многу подоцна“ од првата половина на ноември, како и дека ЕУ не барала Брегзит „без договор“, иако би требало да се подготвува и за таков исход.