Британскиот премиер и американскиот претседател сакаат координиран одговор на коронавирусот

Британскиот премиер Борис Џонсон и американскиот претседател Доналд Трамп се согласија дека е потребен координиран меѓународен одговор на пандемијата на новиот коронавирус, вклучително и по линија на Г-7, соопшти кабинетот на Џонсон.

Двајцата лидери во телефонскиот разговор дискутирале и за трговските односи.

– Лидерите се ангажираа дека ќе продолжат да работат заедно за зајакнување на билатералните односи, вклучително и со потпишување договор за слободна трговија што е можно поскоро, соопшти Даунинг стрит.

Според соопштение на Белата куќа, Џонсон му кажал на Трамп дека се чувствува подобро и оти закрепнува откако беше во болница поради инфекција со коронавирусот.

Трамп и Џонсон „ја потврдија тесната соработка во Г7 и Г20 за отворање на светските економии и гарантирање дека оние кои имаат потреба ќе ја добијат потребната медицинска нега и производи“, се вели во соопштението на Белата куќа.