Западот треба да биде похрабар во конфискацијата на руските средства замрзнати по руската инвазија на Украина во 2022 година, изјави во неделата британскиот премиер Риши Сунак.
Во написот на The Sunday Times по повод две години од почетокот на конфликтот, Сунак вели дека на Украина сè уште ѝ е потребно повеќе оружје со долг дострел, беспилотни летала и муниција и друга помош.
„Мораме да бидеме похрабри во нападот на руската воена економија. Мораме да бидеме похрабри во запленувањето на стотици милијарди замрзнати руски средства“, рече тој.
Минатиот месец, британскиот министер за инвестиции Доминик Џонсон се состана со заменик-секретарот за финансии на САД, Воли Адеема, на разговори за запленувањето на замрзнатите руски средства, нагласувајќи дека тоа треба да се изврши во согласност со меѓународното право.
Европската унија, САД, Јапонија и Канада замрзнаа околу 300 милијарди долари од средствата на руската централна банка во 2022 година кога Русија ја започна својата инвазија на Украина.
Земјите од Г7 имаат намера да ја принудат Русија да ги надомести загубите на Украина од замрзнатите средства и да им наложат на владите да развијат мерки за спроведување на овој чекор, произлегува од заедничката изјава на челниците земјите од Г7 по виртуелниот самит во саботата во врска со двегодишнината од почетокот на рускта инвазија во соседната земја.
„Посветени сме да обезбедиме целосна одговорност и да ја поддржиме Украина да добие компензација за нејзините загуби… Руските суверени средства во нашите јурисдикции ќе останат замрзнати додека Русија не ја плати штетата предизвикана на Украина“, се вели во соопштението.
Од министрите беше барано пред самитот да ги претстават сите можни мерки што ќе помогнат да се искористат замрзнатите руски средства за поддршка на Украина.
Меѓутоа, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) претходно предупреди за ризиците од конфискација на руски капитал. Меѓународните банки, исто така, ги повикаа властите во Обединетото Кралство да воспостават правни стандарди пред евентуално заплена на руски имот, бидејќи тоа ги загрозува правните постапки и може да се одрази на кредибилетот на самите британски финансиски институции во светот.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, истакна дека заплената на руски имот од други земји е незаконска и претппоставува сериозни штетни последици. Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, во врска со овие намери изјави дека конфискацијата на руски имот ризикува да доведе до прекин на односите со САД.
Москва може да возврати со заплена на 280 милијарди евра западен капитал
Откако рускиот претседател Владимир Путин испрати вооружени сили во Украина во февруари 2022 година, САД и нивните сојузници ги забранија трансакциите со руската централна банка и Министерството за финансии и замрзнаа околу 300 милијарди долари руски средства во западните банки.
Американските и британските власти сега предлагаат замрзнатите средства да бидат запленети и искористени за обнова на Украина разурната од војна и се надевааа дека лидерите на Г7 ќе го прифатат предлогот на состанокот кон крајот на февруари.
Русија го обвини Вашингтон дека се обидува да употреби принудна тактика за да добие поддршка од европските земји за предлогот, кој и според некои западни правно-финансиски експерти нема основа во меѓународното право. Москва соопшти дека има список на американски, европски и други средства и дека може да возврати со иста мера.
Во извештајот објавен кон крајот на јануари, беа наведени податоци според кои вредноста на директните инвестиции на ЕУ, членките на Г7, Австралија и Швајцарија во руската економија на крајот на 2022 година изнесувале вкупно 288 милијарди долари.
Вредноста на инвестициите на земјите од ЕУ изнесувала 223,3 милијарди долари на крајот на 2022 година, а речиси половина од таа сума, односно 98,3 милијарди долари, официјално му припаѓа на Кипар. Поради поволните прописи, многу странци, меѓу кои и руски државјани, отворија сметки во Кипар. Следува Холандија со 50,1 милијарди долари инвестиции и Германија со 17,3 милијарди.
Меѓу петте најголеми европски инвеститори во руската економија е Франција со средства и инвестиции во вкупна вредност од 16,6 милијарди долари и Италија со 12,9 милијарди долари. Меѓу земјите од Г7, е наведена и е Велика Британија во групата водечки инвеститори со средства во Русија од 18,9 милијарди долари. Вредноста на американските инвестиции во Русија на крајот на 2022 година изнесувале 9,6 милијарди долари, јапонските 4,6 милијарди и канадските 2,9 милијарди долари.
Швајцарија и Норвешка обично донесуваат антируски мерки, а кон крајот на 2022 година вредноста на нивните средства изнесувала 28,5 милијарди и 683 милиони долари, соодветно.
Земјите од Г7 имаат намера да го заострат плафонот на цената на руската нафта
Според ррезултатите од онлајн самитот, земјите од Г7 одлучија да продолжат со заострување на ценовниот плафон за руската нафта и се согласија да преземат напори за ограничување на приходот на Москва од продажбата на енергетски ресурси, кои сочунуваат најголем дел од приходите на Москва за финансирање на војната. Во моментов Г7 плафонот го стави на 60 долари за барел руска нафта, но предвидените санкции се предвидени за оние трговци кои директно ја земаат нафтата од Русија, што западните компании го користат да ја набавуваат руската нафта преку трета страна, наводно пререботена таму.
„Ќе продолжиме да преземаме мерки за заострување на режимот за усогласеност и контрола на плафоните на цената на нафтата… преземаме чекори за ограничување на идните енергетски приходи на Русија“, се вели во текстот на коминикето.
Претходно, рускиот претседател Владимир Путин го продолжи до 30-ти јуни 2024 година ефектот на специјалните мерки во економијата, кои беа воведени како одговор озадина на тоа што Западот воспостави плафон за цената на руската нафта. Со претседателскиот декрет, имено, забрането е снабдувањето со нафта и нафтени деривати од Русија на оние кои во договорите предвидуваат лимитирана цена за руските енергетски ресурси.