Британскиот регулатор ги стави под лупа „Mastercard“ и „Visa“

Системите на „Visa“ и „Mastercard“ значително ги зголемија надоместоците за плаќање со картички, но има малку докази дека значително го подобриле квалитетот на услугата, заклучи во вторникот британскиот регулатор за платежни системи (PSR).

„Visa“ и „Mastercard“ веќе долго време доминираат на пазарот за платежни картички, што го привлече вниманието на законодавците и поттикна повици за построг регулаторен надзор.

„PSR откри дека во текот на изминатите пет години, откако ќе се земат предвид промените во обемот, Mastercard и Visa ја прошириле својата мрежа и ги зголемија надоместоците за повеќе од 30 проценти во реални услови, со малку докази за соодветно подобрување во квалитетот на услугите“, се вели во соопштението за печатот на британскиот регулатор.

Зголемените надоместоци ги чинеле британските компании повеќе од 250 милиони фунти, според проценките во прелиминарниот извештај на PSR сочинет на 158 страници.

На компаниите не им останува друг избор освен да плаќаат повисоки надоместоци, бидејќи картичките „Mastercard“ и „Visa“ сочинуваат 95 отсто од трансакциите со картички издадени во Обединетото Кралство, забележуваат регулаторите.

Во предложеното решение доставено во јавна расправва, PSR предлага подобрена транспарентност и обврска за „Mastercard“ и „Visa“ да ги објаснат, консултираат и/или документираат причините за промена на надоместоците. Тие, исто така, предлагаат редовни извештаи за финансиски информации за да се подобри деловното следење.

„Не се согласуваме со заклучоците од прелиминарната анализа на PSR. Платниот сектор никогаш не бил поконкурентен, што се рефлектира во широкиот опсег на опции за плаќање достапни за потрошувачите и бизнисите во Велика Британија“К“, се вели во соопштението на „Mastercard“.

Од „Visa“ не биле веднаш достапни за коментар на извештајот на PSR на барање на Reuters.

Јавната расправа е отворена до 30-ти јули, а регулаторот мора да го објави конечниот извештај за шемите и таксите за картички во последниот квартал од оваа година.