Британскиот суд ја подготвува конечната одлука за екстрадиција на Џулијан Асанж во САД

Британскиот суд во понеделник би можел да донесе конечна одлука дали основачот на разобличувачкиот интернет ресурс WikiLeaks, 52-годишниот Австралиец Џулијан Асанж треба да биде екстрадиран во Соединетите држави поради откривање голем број доверливи американски документи, ставајќи крај на 13-те години правни битки и притвор.

Двајца судии во Високиот суд во Лондон ќе одлучат дали судот е убеден од гаранциите на САД дека Асанж нема да се соочи со смртна казна и дека може да се потпре на правото на слобода на говорот од првиот амандман на американскиот устав доколку биде обвинет за шпионажа во САД.

Адвокатскиот тим на Асанж вели дека постојат три опции, дека тој би можел или да биде во авион преку Атлантикот во рок од 24 часа од пресудата, да биде ослободен од затвор или повторно да заглави во повеќемесечни правни битки.

„Имам чувство дека сѐ може да се случи во оваа фаза“, рече неговата сопруга Стела минатата седмица. „Џулијан би можел да биде екстрадиран, а тој би можел и да биде ослободен“.

Таа сподели дека нејзиниот сопруг се надева дека ќе биде присутен на ова клучно рочиште.

WikiLeaks објави стотици илјади доверливи американски воени документи за војните на Вашингтон во Авганистан и Ирак, како и голем број дипломатски депеши кои октрија непријатени завелешки на американските дипломати за светските челници вклучително и најголемите американски сојузници, најголемото истекување на доверливи материјали или, како што тврди Вешингтон, нарушување на безбедноста од ваков вид во историјата на американската војска.

Во април 2010 година, веб-страницата објави доверливо видео на кое се гледа американски хеликоптерски напад во 2007 година во кој загинаа десетина луѓе во ирачкиот главен град Багдад, вклучувајќи и двајца новинари на агенцијата Reuters.

Американските власти сакаат да го изведат Асанж на суд за 18 обвиненија, речиси сите според Законот за шпионажа, тврдејќи дека неговите постапки со WikiLeks биле непромислени, ѝ наштетиле на националната безбедност на САД и ги загрозувале животите на агентите.

Неговите многубројни светски поддржувачи го нарекуваат обвинението пародија, напад врз новинарството и слободата на говорот и одмазда за националниот срам. Групите за човекови права и некои медиуми, како и австралискиот премиер Ентони Албанесе и други политички лидери, побараа случајот да биде отфрлен.

Во притвор од 2010 година

Асанж првпат беше уапсен во Велика Британија во 2010 година по шведски налог за обвиненија за наводно сексуално злосторство, кои подоцна беа отфрлени. Оттогаш тој е во домашен притвор, седум години беше затворен во амбасадата на Еквадор во Лондон, а по смената на власта во оваа латиноамериканска земја му беше ускратен азилот во екстериторијалноста на дипломатската мисија, и од 2019 година е задржан во максимално обезбедуваниот затвор Белмарш во југоисточен Лондон, додека се чека одлуката за негова екстрадиција.

„Секој ден од 7 декември 2010 година, тој беше во некаква форма на притвор“, вели за Reuters Стела Асанж, која првично беше дел од неговиот правен тим и која се омажи за него во затворот Белмарш во 2022 година.

Доколку британскиот Висок суд одлучи дека екстрадицијата може да продолжи, правните патишта на Асанж во Обединетото Кралство се исцрпени, а неговите адвокати веднаш ќе поднесат барање до Европскиот суд за човекови права за да побараат итна забрана за депортацијата додека тој суд не одлучи да ги сослуша сите страни во неговиот случај.

Од друга страна, доколку судиите ги отфрлат барањата за екстрадиција на САД, тој ќе може да поднесе жалба за неговиот случај за екстрадиција по три основи, кои може да се појават дури следната година.

Исто така, можно е судиите да одлучат дека на рочиштето во понеделник треба да се разгледа не само дали тој може да се жали, туку и каква би можела да биде содржината на таа жалба. Доколку во такви околности пресудат во негова полза, тој би можел да биде ослободен.

Стела Асанж вети дека без разлика на исходот, таа ќе продолжи да се бори за неговата слобода. Доколку биде ослободен, таа планира да го следи во Австралија или каде и да е каде што ќе биде безбеден. Доколку биде екстрадиран, таа рече дека сите психијатриски наоди презентирани во судот заклучиле дека Асанж е во многу сериозен ризик од самоубиство.

„Живееме од ден на ден, од седмица во седмица, од одлука до одлука. Ова е начинот на кој живееме со години“, изјави таа за Reuters.

„Ова едноставно не е начин да се живее, тоа е премногу сурово. И не, не можам да се подготвам за негова екстрадиција, како би можела? Но, ако биде екстрадиран, тогаш ќе направам сѐ што можам, а нашето семејство ќе се бори за тоа додека тој не биде слободен“, ветува Стела Асанж.