
Околу 1.500 музичари, меѓу кои Ед Ширан, Пол Маккартни и славните The Rolling Stones, ја повикаа во четвртокот британската влада да ја спаси индустријата на живата музика на којашто ѝ се заканува колапс поради пандемијата од коранвирусот.
Ерик Клептон, Сем Смит, Род Стјуард, Лаим Галагер, Дуа Липа, Скепта, Iron Maiden и Florence + the Machine, исто така, го потпишаа отвореното писмо во коешто предупредуваат на загрозување на илјадници работни места.
Се повикуваат на новото истражување коишто покажува дека минатата година живата музика на британската економија ѝ донела приходи од пет милијарди евра и дала поддршка за 210.000 работни места ширум земјата.
„Живата музика во Обединетото Кралство е еден од најголемите социјални, културни и економски успеси на оваа земја последната деценија“, напишаа меѓу другото музичарите во писмото до министерот за култура Оливер Доуден.
Додаваат дека имајќи предвид оти „крајот на социјалното дистанцирање не е на повидок, ниту владата договори социјална поддршка, иднината на концертите и фестивалите и стотиците илјади луѓе кои на нив работата изгледа мрачна“.
Британија е тешко погодена од пандемијата на коронавирусот и забележала според неофицијалните податоци и процени над 54.000 смртни случаи како последица од Covid-19. Владата ги ублажува рестрикциите наметнати кон крајот на март, па така викдендов ќе бидат отворени пабовите, рестораните и музеите, но местата каде се одржува жива музика и натаму ќе останат затворени.
„Додека тие не можат повторно да работат, што веројатно ќе биде најрано во 2021 година, владината поддршка ќе биде пресудна во спречувањето на масовната неликвидност и крајот на оваа водечка индустрија во светот“, се наведува во писмото.
Индустријата на живата музика сака јасна временска рамка за отворање, без мерки за социјална дистанца и продолжување на владината поддршка за вработените кои се привремено отпуштени.
„Прекрасните свирки не се случуваат без одличен тим зад бината, но тие сите ќе останат без работа доколку не можеме да се вратиме таму и да го работиме она што го сакаме“, изјави Галагер.