Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони кој беше осуден на една година општествено корисна работа, денеска почнaл со издржување на казната, во старечки дом во Милано, пишува „Дојче Веле“.
Берлускони ќе се грижи за лицата во домот по четири часа неделно. Во домот на општествено полезна работа често доаѓаат и лица осудени поради педофилија или алкохолизам.
Поради затајување данок во аферата Медиасет, Берлускони минатата година беше осуден на четири години затвор, од кои три му беа простени, а поради одминатите години, согласно италијанските закони, тој може да биде осуден само на ваква казна.
Во рамките на казната, на Берлускони му е забрането да го напушта подрачјето на Милано, но со посебна дозвола ќе може да оди во Рим од вторник наутро до четврток навечер.