Српската премиерка Ана Брнабиќ ја понуди во средата во јавно обраќање својата оставка на должноста, наводно предизвикана по неколкуте протести под геслото „Србија против насилството“, а претседателот Александар Вучиќ, како и што се очекуваше, најави можноста од распуштање на парламентот и одлука за одржување вонредни избори во рок од 45 до 60 дена.
Брнабиќ и Вучиќ се обратија вечерва во директен телевизиски пренос, а обраќањето беше претходно најавени како „важна вест“ која ќе биде „значајна за граѓаните“.
„Јасно е дека ќе имаме предвремени парламентарни избори, само прашање на месецот е кога тие ќе се случат“, рече Вучиќ.
Додаде дека верува оти владејачките партии ќе „пронајдат соговорници“ во опозицискиот корпус, а доколку тоа не се случи следат изборите.
Вучиќ го објасни можното сценарио: оставка на премиерката Ана Брнабиќ и распуштање на парламентот, со рок од 30 дена кој како претседател на државава го има за да понуди мандат за состав на следната влада.
Доколку не биде обезбедено мнозинство во Скупштината (парламентот), доколку тоа не е возможно ако неговата владејачка партија Српската напредна партија (СНС), од чие водство се повлече минатата седмица, го отфрли новиот мандат бидејќи се задоволни со работата на премиерката, остануваат „уставните рокови од 45 до 60 дена за одржување на изборите“.
Вучиќ во обраќањето најави и низа економски мерки, во прв ред зголемување на платите за вработените во образованието и поголеми пензии кон крајот на оваа и почетокот на следната година. Рече дека минималните пензии во 2024-та може да достигнат 390 евра, а целта е да бидат повисок од 450 евра до крајот на 2025 година.
Вучиќ најави и намалување на инфлацијата, меѓу другото со поповолни цени на лебот и другите прехранбени продукти, велејќи дека ќе разговара со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) да с одложи зголемувањето на цените на струјата.
Граѓанските протести, поттикнати по двете масовни пукање на почетокот од мај кога во белградско основни училиште и во две села крај Белград беа убиени вкупно 18 главно деца и млади луѓе, како и двајцата извршители, и ранети уште 20 деца и луѓе, беа искористени од опозицијата и на власта ѝ беше упатено барање да „овозможи нормална држава, во која сите ќе бидат безбедни“, бидејќи ја сметаат власта „одговорна за поттикнување и толерирања на насилството во јавниот простор и во медиумите“.
Меѓу другото, беше барано смена на водството на јавниот сервис Радио-телевизија Србија (РТС), кое инаку е речиси непроменето од периодот кога сегашната опозиција беше на власт, како и одземање на националните фреквенции на комерцијалните телевизии Пинк и Хепи кои ги означуваат како провладини поради наводно „кршење на законот, поттикнување на насилство и неморал и емитување програми кои ги афирмираат насилството, криминалот и агресијата“
На листа на барања на слабата српска опозиција е и смената на министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ, на директорот на безбедносно-разузанвачката агенција БИА, Александар Вулин, откако под притисок на јавноста веднаш по пукањето во училиштето оставка поднесе министерот за образование Бранко Ружиќ кој беше обвинет затоа што на прес-конференцијата масовното убиство извршено од 13-годишникот го припиша на „западните вредности“ кои доаѓаат преку социјалните мрежи.
Опозицијата бараше и формирање преодна влада во која ќе бидат нејзини претставници за таа да ги спроведе предвремените избори, со тоа да се забрани емитувањето на провладините медиуми и весници, како и учество на изборите на некои политичари од владејачките партии.
Вучиќ вечерва категорички истакна дека лично нема да дозволи формирање преодна влада, на што има право според овластувањата, бидејќи би ја воделе олигарсите и странските центри на моќ кои би ја уништиле земјата.
„Преодна влада нема да има, бидејќи за тоа е потребна моја одлука, а таква одлука никогаш нема да донесам, за тоа прашање нема преговори“, порача Вучиќ.
Велејќи дека тоа не е негов „политички хир“, рече дека „тоа би значело разорување на Србија“ и би довело до тоа со државата да управуваат „еден тајкун и неколку странски центри на моќ, а не граѓаните на Србија преку своите избрани претставници“.