Брнс за „Рекет“: Мора да има темелна истрага, а Владата да презема дејствија

Новата амбасадорка на Соединетите Американски Држави, Кејт Брнс, во ексклузивно интервју за АлсатМ, коментирајќи го скандалот со случајот „Рекет“, во кој има наводи за можна вмешаност на специјалната обвинителка Катица Јанева, се изјасни дека ставот на САД е да има темелна, брза и транспарентна истрага, а го повика премиерот Заев да побара одговорност од владините претставници.

Брнс истакна дека ја поддржуваат борбата против корупцијата, но нагласи дека има уште многу работа во таа област.

– Ова се многу сериозни тврдења, а во сите случаи каде што постојат тврдења за корупција и за злоупотреба на функцијата, ние поддржуваме темелна, брза и транспарентна истрага. Исклучително е важно, во секој случај со вакви тврдења, тие поединци да бидат повикани на одговорност, а Владата да презема дејствија. Ги уважуваме и ги поздравуваме чекорите што ги презема Владата за ставање крај на корупцијата и во борбата против неказнивоста. Но, има уште работа што може да се заврши. Ние ќе продолжиме да го поттикнуваме премиерот Заев да бара одговорност од сите владини претставници и да гарантира дека без оглед на нивото на функцијата, луѓето треба да имаат доверба во владините институции и тоа што тие можат да сторат за нив. – вели Кејт Брнс, амбасадорката на САД.