Индексот за перцепција на корупцијата на „Транспаренси Интернешнл“ во 2020 година е јасен сигнал дека борбата против корупцијата останува критично важна задача за Северна Македонија и фокус на нашето стратешко партнерство, вели амбасадорката на САД во земјава, Кејт Брнз.
„Корупцијата ги загрозува сите елементи што ги врзуваат нашите општества – меѓусебната доверба едни во други и во Владата, вербата во правичност и правична правда и довербата да гради, поттикнува раст и да се унапредува економијата“, напиша вечерва Брнз на својот фејсбук-профил, коментирајчи го извештајот на „Транспаренси интернешенал“.
Северна Македонија го дели 111-тото место на рангирањето за Индексот на перцепција на корупцијата за 2020 година на „Транспаренси интернешнл“ заедно со БиХ, Монголија и Панама, што е најлошо рангирање од 2001 година откога земјава првпат беше ставена на ранг-листата, беше објавено вчера.
Во однос на рангирањето од 2019 година, бележиме пад од пет места иако имаме ист број индексни поени, додека БиХ бележи пад од седум места, со што двете земји се најлошо рангирани во регионот на Западен Балкан.
Од Владата сметаат дека една од причините за лошото рангирање е тоа што граѓаните очекуваа драстична промена во правосудството, но теренот покажа дека коруптивните инсталации на претходното режимско владеење продреле до најситните пори на институциите
Но истакнуваат дека постои цврста решеност да се променат сликата и перцепцијата во борбата против корупцијата и тоа е еден од главните приоритети на „Акција 21 – европски стандарди дома“.