Брнз со порака до судиите и обвинителите

Неопходни се реформи за независно и ефикасно судство и за враќање на довербата на граѓаните во системот. Вакви се пораките од американската амбасадорка во земјава, која на Меѓународната судска конференција побара да не се одложува судењето на случаите од јавен интерес. Таа е особено загрижена што според истражувањата само 8% од граѓаните имаат доверба во системот.

„Не е тајна дека јавноста нема доверба во судството. Всушност, последното истражување на Еуротинк покажа дека само 8% од граѓаните во Северна Македонија имаат доверба во судството и обвинителството. Очигледно има уште многу работа да се заврши, вклучувајќи реформирање на судството и зајакнување на институциите, но исто така и да се форкусираме на перцепцијата – неопходно е луѓето да видат и да почувствуваат дека системот функционира. Граѓаните мора да бидат сигурни дека нивните случаи навремено ќе бидат прецесуирани од неутрален и незасен суд. Ова е основен принцип на секоја слободна демократија, која добро функционира“, рече Кејт Мери Брнз, амбасадорка на САД.

За да се стекне довербата од граѓаните, вели амбасадорката, судството мора да е ефикасно, независно, од секого да се бара одговорност, но и сите да се еднакви пред законот. За подобрување на состојбата и имиџот на судството, судиите бараат поголеми плати, но и да профункционира новата методологија за оценување на работата на судиите.

„ За нас, како здружение особено е битен материјалниот статус на судиите, довербата во судството и секако активностите кои се одвиваат во таа насока, со цел реализација на тие барања на судиите, вклучително и вкупниот буџет во однос на судството. Секако дека ние се занимаваме и со прашањата што се однесуваат на етиката и особено прашањето на транспарентноста, со надеж дека ќе придонесеме во подигнувањето на довербата во судството, како слабост детектирана од сите органи кои функционираат во државата“, вели Џемаил Саити, претседател на Здружението на судии.

„Малку се работеше на враќањето на довербата на граѓаните во судскиот систем. Како понатаму? Тоа е еден долг, континуиран процес. Не може преку ноќ да се врати довербата на граѓаните во судството. Во овој процес се вклучени низа мерки, активности и јас тука секогаш ја споменувам како една клучна основа за враќање на довербата на граѓаните, а тоа е методологијата за квалитативно оценување на судиите. Со оваа методологија објективниот пристап при оценката, што е основ за унапредување на судиите ќе биде доминантен на сметка на субјектиниот пристап, кој што може да го има секој член на Судскиот совет“, вели Павлина Црвенковска, претседателка на Судски совет.

Во меѓувреме, Обвинилството извести за времена суспензија на еден јавен обвинител од Скопје, против кого е покрената дисциплинска постапка бидејќи пролонгирал предмет, со цел делото да застари. Има уште четири дисциплински постапки за обвинители од Тетово, Битола, Ресен и Охрид, при што има едно решение за оддалечување од функцијата, две парични казни, а едната постапка е сè уште во тек.