Бројката луѓе кои ги загубија животите во поплавите и лизгањето на почвата на Филипини се искачи на 48 а уште други лица се водат како исчезнати, објави во неделата државната агенција за катастрофи, откако тропската бура Налгае зафати повеќе делови од архипелагот.
Пријавени се 40 повредени лица, додека 170.000 се засолниле во центрите за евакуација, според податоците на владата, додека бурата ги напушташе копнените области откако во текот на викендот се прошири на Филипини и на главниот град Манила.
Повеќето од жртвите се пријавени во автономниот регион Бангсаморо, каде што 40 луѓе загинале поради свлечиштата, додека 10 сѐ уште се водат како исчезнати.
Претседателот Фердинанд Маркос во саботата нареди итна дистрибуција на помошта во тешко повредените подрачја. Налгае е вториот најсмртоносен циклон кој годинава ги погоди Филипини, каде што годишно во просек се регистрираат 20 тропски бури.