Бројот на хоспитализирани во ковид-центрите расте

На инфективните оддели во земјава се лекуваат вкупниот 1.720 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот и во ковид-центрите има околу 230 празни болнички кревети.

Како што соопшти денеска Министерството за здравство, во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализрани 50 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 699 лица сомнителни и потврдени за ковид -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

Во последното деноноќие, на Интерните и хируршки клиники имало 32 приеми. Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ – Скопје имало 7 примени пациенти и две лица биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле не биле примени нови болни, а шест пациенти биле примени на Клиниката за детски болести.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 36 оздравени пациенти.

Во моментов во ковид-центрите на Интерните и на хируршките клиники се лекуваат 315 пациенти. Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 140 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 154 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 40 пациенти. На Клиниката за детски болести има девет деца позитивни на ковид-19, а на ГАК има пет позитивни пациентки. Во Институтот за физикална медицина и рехабилитација има 35 болни.

Вкупно 699 пациенти потврдени и сомнителни за ковид- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.

– Бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово до 8 часот имало 60 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места – соопшти Министерството за здравство.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 117 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 95 пациенти. На  инфективното одделение во Тетово има 46 пациенти, во Велес се лекуваат 102 болни, а во Куманово 86 пациенти позитивни и суспектни на КОВИД 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 109 пациенти, во Прилеп 136 во ковид центарот во Гостивар 45, а во Струга 22 болен. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 99 пациенти, во Кочани 31 во Кичево 35, Кавадарци 74, а во Гевгелија 25 лица позитивно и суспектно на корона вирусот.

Од ресорното министерство посочуваат дека во тек на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.