Бројот на корисниците на интернет во светот пораснал на 4,1 милијарди луѓе

Повеќе од 53 отсто од светската популација, или 4,1 милијарди луѓе, имаат пристап до интернет, а оваа бројка продолжува да расте, се наведува во објавениот во вторникот во Женева извештај на Меѓунарордната телекомуникациска унија (ITU) под наслов „Мерење на дигиталниот развој: факти и бројки за 2019 година“.

„Податоците на ITU потврдуваат дека интернетот продолжува да расте на глобално ниво. Во моментов 4,1 милијарди луѓе, или 53,6 отсто од светската популација, користат интернет“, се истакнува во извештајот. Притоа се прави споредба со податоците од минатата 2018 година и се наведува дека годинава растот изнесувал 5,3 процентни поени.

Истовремено 3,6 милијарди жители на планетата немаат пристап до мрежа. Повеќето од нив се граѓани на најмалку развиените земји, каде што во просек само два житела од десет имаат достап до интернет. Во Европа овој показател е највисок – 82,5 отсто, а во Африка најнизок со 28,2 отсто.

Според ITU, која е специјализирана агенција на Обединетите нации со седиште во швајцарска Женева, до крајот на 2019 година 57 отсто до семејствата во светот ќе имаат достап до глобалната мрежа. Состојбата е полоша кога станува збор за персоналните компјутери. Се очекува дека нивниот број во тековната година се зголемил во семејствата за околу 1 отсто, и оти овој показател до крајот на 2019-та ќе изнесува 49,7 отсто.

Според истиот извештај, во моментов 96 отсто од популацијата на Земјата се наоѓаат во области со пристап до мобилен дигитален сигнал. За 93 отсто тоа е преку мрежата 3G или понапредната верзија. Во Европа, Западната хемисфера и Азиско-пацифичкиот регион, покриеноста е 95 отсто, во арапските земји 91 отсто, во земјите од Заедницата на независни држава, од поранешниот Советски сојуз, 88 отсто, а во Африка 79 отсто.

„На глобално ниво, уделот на корисниците на интернет изнесува 48 отсто кај женитњ и 58 отсто кај мажите. Повеќе мажи отколку жени користат интернет во сите региони на светот, со исклучок на Северна и Јужна Америка, каде што во овој поглед е речиси постигнат паритет“, истакнуваат од ITU.

Во извештајот се истакнува дека „дигиталниот јаз меѓу половите“ се намалува на териториите на Европа и Евроазија, но истовремено расте во Африка, арапските земји и Азиско-пацифичкиот регион. „Најголемиот јаз се јавува во земјите во развој, особено во групата најмалку развиени земји“, констатираат авторите на извештајот.