Во вторникот во Босна и Херцеговина се забележани 297 новозаразени со коронавирусот и уште 13 смртни случаи, додека во Унскo-санската жупанија стравуваат од ескалација на епидемијата меѓу мигрантите кои во оваа област ги има над 10.000 лица.
Според податоците од ентитетските здравствени власти, 234 случаи на коронаинфекцијата во последните 24 часа се потврдени во Федерацијата БиХ, во Република Српска има 59 нови случаи а уште четири се регистрирани во Дистриктот Брчко. Од почетокот на епидемијата во БиХ со коронавирусот се заразени 18.326 лица од кои починале 560 пациенти.
Најголемите жаришта се поврзуваат со семејни веселби и свадби во одредени региони кои се традиционални во овој период од годината. Покрај тоа, здравствените власти на Унско-санската жупанија, чие седиште е во Бихаќ, стравуваат од ескалација на коронавирусот меѓу 10.000 мигранти од кои повеќето слободно циркулираат низ помалите места.
Тамошната министерка за здравство, Нермина Ќемаловиќ, на прес-конференција предупреди дека меѓу мигрантите има шестмина заразени кои мора да бидат издвоени од еден од мигрантските кампови кои се наошаат во погони на поранешна локална фабрика.
„Мигрантите едноставно не почитуваат никакви правила ниту норми, но ние мораме да размислуваме за интересот и здравствената заштита на граѓаните кои доаѓаат во контакт со мигрантите. Доколку ги оставиме (во фабриката), доаѓаме во ситуација да се сличи експлозија на вирусот. Ако ги пуштиме надвор, тие тогаш се во директен контакт со граѓаните“, рече Ќемаловиќ.
Според локалните медиуми, еден од мигрантите избегал од излоацијата во фабриката и понего сѐ уште се трага, додека другите се сместени во болницата во Бихаќ.