Бројот на родените во Италија паднал на ново историско ниско ниво под 400.000 во минатата 2022 година, објави во петокот националното биро за статистика ISTAT, додека бројот на населението продолжил да се намалува.
Малиот број на родени бебиња во Италија се смета за национална вонредна состојба, а решавањето на проблемот беше и политичко ветување на премиерката Џорџа Мелони пред минатогодишните избори на којашто стана првата на таа позиција во историјата на земјата.
Минатата 2022 година бројот на населението се намалил за 179.000 на 58,85 милиони, објави ISTAT во својот редовен годишен демографски извештај. Падот на населението, донекаде, може да се спореди со претходните 2021 и 2020 година, двете години кога владееше пандемијата Covid-19 во кои Италија беше процентуално во врвот на земјите во светот според бројот смртни случаи припишани на коронавирусната болест.
Италија во 2022-ра забележала 392.600 родени, што претставува пад во однос на 400.249 родени претходната година, се додава во извештајот на ISTAT, што е 14-ти последователен пад и воедно најнискиот број од обединувањето на земјата во 1861 година.
„Главниот фактот е намалувањето на бројот на жените и стареењето на жените“, се нагласува во извештајот на институтот.
Бројот на родените деца по жена паднал на 1,24 од 1,25 колку што изнесувал во 2021 година. Падот е забележан во централните и северните региони, а во јужните е регистриран маргинален раст.
Вкупниот број население во Италија е во постојан пад од 2014 година. Од ISTAT ланскиот септември прогнозираа дека бројот на жителите може да падне на 54,2 милиони до 2050 година и на 47,7 милиони до 2070 година.
Во својот најнов извештај ISTAT наведува дека едно од четири лица во Италија е повозрасно од 65 години, додека бројот на стогодишниците тројно се зголемил на 22.000 во последните 20 години.