Бројот на загинати во поплавите во Грција се зголеми на 12 лица, а се трага по петмина

Безживотното тело на маж пријавен за исчезнат, утрово било пронајдено од спасувачките екипи, со што бројот на загинати во поплавите во Грција предизвикани од невремето „Даниел“, се зголеми на 12 лица, а се трага по петмина, јави дописничката на МИА од Атина.

Во погодените подрачја и денеска продолжува акцијата за спасување и евакуација на граѓаните заглавени во поплавените населени места.

Доцна синоќа во близина на Лариса се превртија два спасувачки чамци со осум лица, меѓу кои четворица пожарникари и четворица спасени граѓани, меѓутоа биле веднаш пронајдени и не се повредени.

Поради поплавите и денеска е затворен автопатот меѓу Атина и Солун во двата правци.

Медиумите во Грција коментираат дека Тесалиската низина, најпогодена од поплавите е еден од поважните земјоделски и економски региони во земјата и носи пет отсто од БДП.

Подрачјата погодени од поплавите, утрово ќе ги посети претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, додека пак вечерва грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис повторно ќе биде во областа Тесалија од каде што се очекува да ги соопшти мерките за поддршка на погодените.