Бројот на загинати во поплавите во Шпанија се искачи на 64

Најмалку 64 лица загинаа во невремето и поплавите што од ворникот го зафатија истокот на Шпанија, соопштија во средата локалните власти.

Станува збор за најсмртоносната поплава во Шпанија во последните три децении, предизвикана од невидените врнежи на дожд што во вторникот го погоди источниот регион на Валенсија, оставајќи ги патиштата и градовите под вода.

Најмалку 62 лица загинаа во Валенсија, а властите во централниот регион Кастиља Ла Манча соопштија дека невремето оставило зад себе двајца мртви, а неколку лица се водат како исчезнати.

Десетици видеа споделени во текот на ноќта на социјалните мрежи покажаа луѓе заробени од надојдените води, некои како се качуваат по дрвја за да се спасат.

Спасувачите цела ноќ го пребаруваа надојдената вода со гумени чамци, спасувајќи неколку луѓе, покажаа телевизиски снимки од градот Утиел, а службите за итни случаи сè уште работат за да стигнат до најтешко погодените области. Десетици луѓе сѐ уште се сметаат за исчезнати.

„За оние кои сè уште ги бараат своите најблиски во овој момент, цела Шпанија плаче со вас“, рече премиерот Педро Санчез во телевизиско обраќање. „На селата и градовите уништени од оваа трагедија, им го велам истото: Заедно ќе ги обновиме вашите улици, вашите плоштади, вашите мостови“, додаде.

Карлос Мазон, регионален шеф на Валенсија, еден од најважните земјоделски региони во Шпанија, рече дека некои луѓе се оставени изолирани на недостапни локации.

„Ако (службите за итни случаи) не пристигнале, тоа не е поради недостиг од ресурси или предиспозиција, туку поради проблеми со пристапот“, рече Мазон на прес-конференција, додавајќи дека достигнувањето одредени области е „апсолутно невозможно“.

Возовите за градовите Мадрид и Барселона беа откажани поради поплави, а училиштата и другите основни услуги беа суспендирани во најтешко погодените области, соопштија властите.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изрази сочувство до Шпанија и ги опиша поплавите како „разорни“.

„Цели села се покриени со кал“, рече фон дер Лајен. „Луѓето се качуваа по дрвја за да се спасат, а автомобилите беа однесени од силата на водата. „Десетици луѓе ги загубија животите. Илјадници се раселени. Затоа, нашите мисли се со жртвите, нивните семејства и пријатели, но и со спасувачките тимови“, рече таа.

Ова е најголем број на жртви во поплавите во Европа од 2021 година, кога во Германија загинаа најмалку 185 луѓе. Тоа е, исто така, најтешката катастрофа поврзана со поплавите во Шпанија од 1996 година, кога на Пиринеите загинаа 87 луѓе.