Бројот на загинати во пожарите во Лос Анџелес се искачи на 10, штетите до 150 милијарди долари

Бројот на загинати во разорните пожари што беснеат низ Лос Анџелес во петокот се искачи на десет, при што огнената стихија уништи речиси 10.000 згради и не покажува знаци на стивнување.

Пожарот во близина на населбата Пацифик Палисадес, која се наоѓа меѓу Санта Моника и Малибу на северозападниот дел на градот, речиси стана најразорниот пожар во американската историја, откако се прошири на повеќе од 13,7 илјади хектари и целосно изгоре цели населби.

Бројот на загинати во пожарите се искачи на десет, објавија градските власти доцна во четвртокот по локално време, без да дадат детали за околностите на смртта. Шерифот на округот Лос Анџелес, Роберт Луна претходно изјави дека, за жал, очекува тој број да расте.

„Изгледа како во тие области паднала атомска бомба. Не очекувам добри вести и се плашиме од овие бројки“, рече Луна.

Приватната метеоролошка организација AccuWeather ја проценува досегашната штета од пожарите меѓу 135 и 150 милијарди долари.

Демократската градоначалничка Карен Бас најавува брза реконструкција на градот. Новоизбраниот претседател Доналд Трамп и другите републиканци ја критикуваа за пристапот кон катастрофата, која ја начека надвор од сојузната држава, бидејќи неодамна го скрати буџетот на пожарникарската служба.

Актуелниот демократски претседател Џо Бајден во вторникот прогласи состојба на катастрофа состојба, а во четвртокот вети дека владата ќе финансира 100 отсто од компензацијата за отстранување на урнатините и опасните материјали, привремените засолништа и платите за теренските служби во следните 180 дена.

„Им реков на гувернерот и на локалните власти – не штедете напори да го направат она што треба да го направат за да ги запрат овие пожари“, рече Бајден.

Во Лос Анџелес избувнаа вкупно пет пожари. Најголемиот, наречен Палисадес, е изгаснат само шест отсто, а оној наречен Итон воопшто не е ставен под контрола. Небото е прекриено со авиони и хеликоптери кои исфрлаат залихи и вода врз ридови во пламен. Голем хеликоптер позајмен од Канада е оштетен и приземјен откако удрил во беспилотно летало кое нелегално летало во близина на Палисадес, соопштија пожарникарите.

Пожарот рапидно расте и во близина на Калабасас, еден од најбогатите градови во САД и дом на бројни ѕвезди. Таканаречениот пожар Кенет се зголеми на 388 хектари за само неколку часа. Властите во Лос Анџелес, пак, по грешка испратија предупредување за евакуација на 9,6 милиони луѓе, иако тоа беше наменето само за жителите во близина на пожарот Кенет.

Официјални лица рекоа дека пожарот Итон оштетил или уништил четири до пет илјади објекти, а пожарот Палисадес оштетил или уништил уште 5,3 илјади. Некои од жителите на Пацифик Палисадес се вратија во опожарената област каде што веќе помина пожарот.

„Ние сме живи. Тоа е сè што е важно“, рече приватниот телохранител Билал Туки додека стоеше пред изгорениот дом на својот работодавец, споредувајќи ја сликата со неговата татковина Авганистан, пренесува Reuters.

Наставата во Лос Анџелес е откажана втор ден по ред поради загадениот воздух.

Во четвртокот, ветровите се со помала брозна од 160 километри на час со кои беа на почетокот на оваа седмица, овозможувајќи клучна воздушна поддршка за пожарникарите на теренот. Но, официјалните лица објавија дека ветровите повторно се засилиле во текот на ноќта и дека критична метеоролошка ситуација се очекува до петокот попладне.

Огнот Итон стигна до основата на опсерваторијата Маунт Вилсон, местото каде што пред еден век Едвин Хабл откри постоење на галаксии надвор од Млечниот Пат и дека универзумот се шири. Опсерваторијата подоцна објави дека пожарот таму е ставен под контрола.

Во Алтадена, блиската посиромашна населба, многу жители изјавија за Reuters дека се загрижени дека владините средства ќе бидат пренасочени во побогатите населби и дека осигурителните компании ќе го намалат нивниот надомест затоа што немаат финансиски средства да се борат во правната битка.

„Нема да ти ја платат вредноста на куќата. Навистина треба да се борите за тоа“, рече 63-годишната Кеј Јанг, гледајќи на местото каде што стоела нејзината куќа, сопстеност на нејзиното семејство со генерации.

Пожарникарите успеале целосно да го стават под контрола пожарот во близина на Холивуд Хилс. Пацифик Палисадес, некогаш идилично соседство, сега изгледа апокалиптично.

Еден жител, 65-годишниот Џон Кар, вели дека ги игнорирал наредбите за евакуација и останал успешно да го брани својот дом. „Куќата е изградена во 1960-те од мајка ми и татко ми, а јас живеам таму цел живот, така што е полна со спомени. Мислам дека им должев да направам сѐ што е можно за да се обидам да ја спасам“.

Додава дека нема пожарникари кои ќе му помогнат или ќе ги спасат домовите на неговите соседи. „
„Да донесоа противпожарни возила и да испрскаа малку ваму, малку таму, внимаваа на работите, сите тие куќи и натаму би биле тука“, тврди 65-годишникот.