Бројот на жртвитеи во пожарот кој избувна во болницата за пациенти со коронавирусот во ирачката престолнина Багдад се зголеми на 82 лица, пренесува во неделата ирачката државна новинска агенција INA, повикувајќи се на тамошното министество за здравство.
Во првите моменти по несреќата, властите известија за 21 жртва, а потоа во текот на ноќта кон неделата бројката постојано беше коригирана, а последната со 58 загинати ја соопшти рано утрото членоот на Врховната комисија за човекови права, Али ал-Бајати.
Според последните податоци од ирачкото Министерство за внатрешни работи 82 луѓе загинале во пожарот во болницата „Ибн ал-Катиб“ во Багдад, а уште 110 други пациенти биле повредени.
Според медиумските извештаи, пожарот бил предизвикан од експлозија на резервоар со медицински кислород, а повеќето од смртните случаи биле предизвикани од труење со јаглерод моноксид. Поради тоа, ирачкиот премиер Мустафа ал-Каземи нареди притворање на голем број од водечките лица во болницата додека трае истрагата.