
Русија денеска објави 8.779 нови случаи на коронавирус, со што вкупниот број на заразени од почетокот на епидемијата во таа земја достигна повеќе од половина милион.
Официјалните лица велат дека 174 лица починале во последните 24 часа и сега има вкупно 6.532 смртни случаи.
Русија е трета според борјот на заразени во светот, по Соединетите држави и Бразил, но има релативно мал број смртни случаи во однос на бројот на заразени и споредено со другите земји.
Руската официјална статистика ги вклучува само оние кои починале исклучиво во болница од ковид-19.
Во многу земји, особено во Западна Европа, статистиката ги вклучува скоро сите пациенти кои биле позитивни на коронавирус во моментот на смртта.
Овој метод на пресметка може делумно да ја објасни ниската стапка на смртност, регистрирана од Русија.
Руските власти го припишуваат нискиот број на жртви пред се на преземените мерки, како што се затворање на границите, реорганизирање на болничкиот систем и масовното тестирање. Досега, велат тие, извршени се 13,5 милиони тестови.