Бројот на заразените со коронавирусот во Психијатриската болница во Демир Хисар се зголеми на 28

Во Психијатриската болница „Демир Хисар“ во неделата се регистрирани уште седум позитивни, од кои шест пациенти и еден вработен. Сите се асимптоматски и изолирани во посебно одделение, заедно со останатите заразени.

Со ова вкупно во Психијатриската болница Демир Хисар позитивни се 28 лица, односно 25 пациенти и 3 вработени,  медициснка сестра и двајца од помошниот персонал. Минатата недела еден 73 годишен  штитеник од Психијатриската болница почина во градската болница  „8 Септември“  во Скопје поради компликации од Covid-19.  Како вирусот влезе во оваа установа, со вкупно 300 пациенти,  не се знае. Посетите се забранети, ниту пак пациентите можат да излезат од болницата, па  се претпоставува дека заразата ја донел некој од вработените.

Од друга старана, во општина Демир Хисар веќе стивнува кластерот на заболени кои се формираше после погреб во демирхисарско село. Вкупниот број на позитивни е 60, а во моментот активни се четириесетина  случаи. Од нив има и семејни кластери, но, најголем број се од Психијатриската болница, каде се очекуваат  резултатите  за уште 22 пациенти кои биле во контакт со заболените.