Бројот на жртвите од бурата Ана се зголеми на 86, на источна Африка ѝ се заканува нова

Тропската бура Ана усмртила најмалку 86 луѓе ширум јужна и источна Африка, а само што започна расчистувањето на урнатините на регионот му се заканува нова бура наречена Батсираи.

Бурата Ана мина преку Мадакаскар на 22-ри јануари по обилните дождови. Земјата прогласи состојба на катастрофа во четвртокот вечерта и објави дека бројот на жртвите се зголемил на 48, бидејќи жители загинале во свлечишта и уривање згради што ги носел поројот.

Бурата потоа го погоди Мозамбик на 24-ти јануари каде се пријавени 18 жртви и продолжи кон Малави каде предизвика голем прекин на електричната енергија. Властите на Малави пријавија во четвртокот дека 20 луѓе загинале во бурата. Во сите три земји бурата Ана погоди стотици илјади луѓе, предизвикувајќи големи поплави и разорувања, наведуваат агенциите на Обединетите нации.

„Оваа бура … е груб потсетник дека климатската криза е навистина голема стварност“, тврди Марија Луиза Форнара, претставничка на УНИЦЕФ во Мозамбик.

Овој регион последователно е погодуван од големи бури и циклони последните години кои ги уништуваат домовите, инфраструктурата и посевите поради што и предизвикаа големи раселувања на населението.

Некои од тие заедници сѐ уште не закрепнаа од претходните катастрофи, а повторно се на удар. Стручњаците истакнуваат дека бурите стануваат сѐ посилни и зачестени поради климатските промени, а растот на нивото на морето ги прави крајбрежните региони уште поранливи.

Бурата Ана мина, но новата наречена Батсираи во овој момент се движи кон источниот брег на Африка. Метеоролошката служба Mete France во петокот објави дека Батсираи е помал систем барем засега, бидејќи уште со денови е далеку, не се заканува на групата острови источно од Мадагаскар, меѓу кои е и француската прекуморска територија островот Реунион.

Меѓутоа, метеоролозите предупредуваат дека не е познато како ќе се развива Батсираи, односно дали ќе јакне во интензитетот. Националниот метеоролошки институт на Мозамбик предупредува дека бурата Батсираи сѐ уште има потенција да прерасне во голема тропска бура.