Бројот на жртвите во експлозијата од неделата во трговскиот центар „Сурмалу“ во Ереван се искачи на 16 лица, изјави во вторникот портпаролот на ерменското министерство за итни ситуации.
„Спасувачите од под урнатините го извлекоа телото на уште еден загинат. Во моментов бројот на загинатите достигна 16“, напиша на социјалните мрежи портпаролот Ајик Констанјан.
Како што претходно изјави за медиуми министерот за вонредни ситуации, Армен Памбухчјан, меѓу загинатите е бремена жена и малолетно дете.
Според моменталните податоци, покрај 16-те жртви, пријавени се 62 повредени, а уште 18 лица се водат како исчезнати.
Ерменското државно обвинителство објави во текот на ноќта дека отворило истрага за „кршење на правилата за складирање лесно запаливи производи“ и „кршење на противпожарните правила“ што довело до смрт на повеќе лица поради „занемарување“.
Причината за експлозијата која се случи во комплекс на трговскиот центар „Сурмалу“ сѐ уште не е познат. Дел од медиумите, повикувајќи се на очевидци, известија дека детонацијата одекнала во продавница и склад за пиротехнички производи.
Експлозијата предизвикала и уривање на една зграда, под чиишто урнатини се претпоставува дека се наоѓаат исчезнатите лица.