Бројот на жртвите во Газа над 2.600 со илјада исчезнати, Хамас држи 155 израелски заложници

Во израелските одмазнички напади врз палестинската енклава Појасот Газа убиени се 2.670 луѓе, објави во неделата тамошното министерство за здравство, додека движењето Хамас кое пред една седмица ја започна новата спирала на насилство во деценискиот израелско-палестински конфликт со смртоносниот напад во Израел во заложништво држи 155 луѓе.

Палестинските извори наведуваат дека најмалку 800 деца загинале, а уште 9.600 луѓе се ранети во одмазничките напади на изралеската војска започнати од минатата сабота.

Повеќе од 1.000 луѓе се под урантините во градот Газа, објави палестинската цивилна одбрана во неделата. Во соопштените се наведува дека спасувачките тимови многу од преживеаните од под урнаитните извлекле во рок од 24 часа откако зградите биле погодени во изралеските воздушни и артилериски бомбардирања.

Според овие податоци, бројот на мртвите на палестинската страна за само една седмица уште сега го надмина бројот на војната во Појасот Газа од 2014 година., кога 2.250 луѓе загинаа во тесната пренаселена енклава во 50-те дена војна во која Израел првпат во историјата имаше загубено 66 војници и 5 цивили. Израел овој 7-ми октомври кога Хамас ненадејно ги напада јужните израелски населби со ракети и од копно ги претпре најтешките загуби со 1.400 жртви, од кои 286 се припадници на безбедносните сили и служби, а другите се цивили, жени, деца и старци брутално егзикутирани.

Со овие показатели овој судир стана најсмртоносниот откако Хамас во 2007 година ја презема контролата над Појасот Газа, кога ги протера или ликвидираше функционерите во Палестинската самоуправа од ривалското движење Фатах, на претседателот Махмуд Абас, чија влада е во Рамала, во другата палестинска енклава Западниот брег (на реката Јордан).

Израелската војска соопшти во неделата дека ги известила семејствата на 155 заложници кои ги грабнал Хамас, со што оваа бројка се зголеми од претходно 126 колку што се споменуваа.

„Вложуваме огромни напори за ослободување на заложниците. Семејствата на 155 заложници се контактирани“, изјави на прес-конференција воениот портпарол, контраадмиралот Даниел Хагари.

Според информациите коишто ги поседуваат израелските служби, Хамас 155 заложници ги држи на локации во Појасот Газа. Израелската војска се обидува да дојде до точни податоци за тие локации и да спроведе операции за нивно ослободување, пишуваат израелските медиуми.

Израел одговори на нападите на Хамас со масивно бомбардирање цели во Газа, една од најгусто населените области во светот. Израел ги повика жителите на северниот дел на Газа, околу 1,1 милион луѓе од вкупно 2,3 милиони во тесниот појас, да се преселат на југ за да може да изврши операции за уништување на исламистичкото движење Хамас.

Околу еден милион луѓе се преселени од Појасот Газа за една седмица, соопшти во неделата агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA).

Поради лошите временски услови, израелската армија ја одложи офанзивата и во неделата даде нова временска рамка за движење на цивилите на северот на Газа на југ од областа, која истече во 13 часот. Обединетите нации ги критикуваа наредбите и предупредија на хуманитарна катастрофа, велејќи дека Израел има право на самоодбрана, но мора да го почитува меѓународното право.

Два дена по нападите на Хамас, Израел нареди прекин на снабдувањето со вода, електрична енергија и гориво на тесната територија, но во неделата го врати снабдувањето со вода на југот на Газа во обидот да го принуди палестинското население да замине во овој дел од енклавата.