Бројот на жртвите во пукањето Чикаго се зголеми на седум, на осомничениот му се заканува доживотен затвор

Бројот на загинатите во пукањето врз гледачите на парадата по повод Денот на независноста во Хајленд Парк, се зголеми на седум лица, објави во вторникот ноќта телевизијата CNN, повикувајќи се градоначалничката на споменатото предградие на Чикаго, Ненси Ротеринг.

Во понеделникот вооружениот со пушка напаѓач отвори оган од покрив на зграда во близина на контролен пункт врз гледачите на традиционалната парада во чест на националниот празник на САД. Притоа, на самото место убил пет лица, а уште две починаа од здобиените повреди во болниците.

Набрзо потоа, јавниот обвинител на сојузната држава Илионис, Ерик Рајнхард, на прес-конференција ноќта кон средата по македонско време, соопшти дека против Кримо е подигната обвинение за седум убиства, за што се соочува со доживотен затвор.

„Осомничениот во моментов е обвинет за седум убиства. Очекуваме и други обвиненија“, рече Рајнхард и истакна дека злосторството било внимателно планирано.

Додаде дека доколку биде осуден, Кримо може да се соочи со доживотен затвор, без право некогаш да побара условно ослободување.

Обвинителството во средата подоцна ќе поднесе барање до судот да му одреди притвор на осомничениот без право на кауција.

Претходно беше објавено дека по пукањето во локалните болници биле примени 36 лица со разни рани и повреди, здобиени од огнено оружје или во текот на паничното бегство. Според последните информации, уште 26 лица се згрижени во болниците.

Осомничениот Роберт Кримо, успеа да побегне од местото на настанот во понеделникот утрото по локално време, но подоцна во текот на денот беше објавено дека е уапсен.

Претходно CNN објави дека осомничениот испукал „повеќе од 70 куршуми“, според претставник на локалната полиција. Истиот извор рекол дека Кримо легално ја купил пушката од која било пукано. Полицијата соопшти дека тој поседувал и друга пушка, која била пронајдена кога полицијата го запрела во возилото. Во неговата куќа биле пронајдени неколку парчиња оружје.

Претставник на полицијата изјави дека „според сите индиции“ Кримо сам го извршил нападот и додаде дека полицијата верува дека тој го планирал нападот неколку недели однапред. Сѐ уште се утврдува мотивот за нападот.