Бројот на жртвите во катастрофалниот земјотрес кој го погоди турскиот југоисток ноќта кон понеделникот се зголеми на повеќе од 1.700 луѓе, објави вечерва генералниот директорот на секторот за земјотреси и намалување на ризиците при турската Агенција за управување со вонредни состојби (AFAD).
„Во моментов има 1.762 загинати, а 12.068 луѓе се повредени“, изјави за медиумите челникот на AFAD, Орхан Татар и додаде дека повеќе од 6.800 разни зданија се урнале во природната стихија.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган вечерва прогласи национална жалост низ целата земја до 12-ти февруари.
Земјотресот со магнитуда која во меѓувреме е коригирана на 7,4 по Рихтер, најсилно ја погоди турската провинција Кахраманмараш. Од потресот силни оштетувања и бројни жртви има и во соседните сириски провинции Алепо, Латакија, Хама и Тартус. Таму, според последните официјални податоци, загинале 593 луѓе, а повеќе од 1.400 лица се повредени.